ПРАВИЛНИК ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ ГЛАСАЊЕ ПРЕКУ ЕЛЕКТРОНСКА ПОШТА
1. Со овој Правилник се уредува постапката за спроведување гласање преку електронска пошта во случаите кога тоа го предвидуваат Статутот на ЗНМ или Правилниците или други акти. Заради непречено и ефикасно спроведување на активностите на ЗНМ, може да се спроведе гласање преку електронска пошта од страна на членките на ЗНМ.
2. Под поимот гласање по пат на електронска пошта се подразбира гласање со употреба на интернет-електронска адреса и поштенско сандаче.
3. Гласањето преку електронска пошта може да го спроведат Собранието, Управниот одбор, Надзорниот одбор, Советот на честа или други органи и тела предвидени со Статутот или со друг акт.
4. Гласањето преку електронска пошта се врши од електронска адреса на членот заведена во Регистарот на членство.
5. Секоја последно доставена електронска адреса од член на ЗНМ ќе се смета за валидна и поставената предлог-одлука на гласање на истата адреса ќе се смета за уредно доставена.
6. Гласањето преку електронска пошта ќе се применува селективно и по исклучок.
Предмет на гласање преку електронска пошта не може да биде одлука за избор на претседател на ЗНМ и на членови на Управен одбор, Надзорен одбор и на Советот на честа.
За спроведување гласање преку електронска пошта решава претседателот на органот или телото на ЗНМ, кое става одлука за гласање преку електронска пошта.
Претседателот на органот или телото на ЗНМ во зависност од природата и од итноста на прашањата од дневниот ред за секој случај поединечно одлучува дали ќе се спроведе гласање преку електронска пошта или ќе свика седница, односно ќе презакаже седница.
Претседателот на органот или телото на ЗНМ може да одлучи гласањето преку електронска пошта да се спроведе за сите или само за поединечни точки од дневниот ред. Оние точки од дневниот ред за кои нема да се спроведе гласање преку електронска пошта ќе бидат ставени на дневниот ред за следната седница.
7. Гласањето преку електронска пошта се спроведува на начин така што претседателот на органот или телото на ЗНМ преку Стручната служба на ЗНМ по електронска пошта ги повикува сите членови на ЗНМ да се изјаснат за одлуките кои е потребно да се донесат во определен рок, кој не може да биде пократок од два ниту подолг од четири работни денови. Стручната служба и дополнително ќе ги информира и потсети членовите на ЗНМ дека се спроведува електронско гласање и ќе ја нагласи и точно ќе ја формулира предлог-одлуката за која се гласа, како и крајниот рок до кога може да се гласа.
Рокот за гласање е до 24:00 часот на последниот ден од рокот.
Се гласа со порака испратена во одговор на пораката која ја содржи предлог-одлуката на истата адреса на испраќачот – Стручната служба на ЗНМ. Се гласа со „за“, „против“ и „воздржан“.
Мнозинство за одлучување е целокупното редовно членство на ЗНМ, а одлуката се смета за донесена ако за неа се изјаснило предвиденото мнозинство (обично или квалификувано мнозинство) со Статут или Правилник, односно друг акт.
8. Во случај членот на ЗНМ да не се изјасни преку електронска пошта во определениот рок, молчењето ќе се смета за прифаќање на предложената одлука.
9. Веднаш по истекот на определениот рок претседателот на Собранието преку електронска пошта ќе ги извести членовите на ЗНМ за резултатите од гласањето преку електронска пошта.
10. Гласањето преку електронска пошта ќе има иста правна сила и обврзувачко дејство како и гласањето извршено на седница.